СДСМ: ДКСК да постапи по случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација

– Министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката. Државниот секретар раководи со целата администрација во секое министерство. Клинчарова била надредена на сите кои биле вклучени во тендерската постапка што завршила кај нејзиниот сопруг, вели Кузеска.

СДСМ денеска на прес-конференција ја повикува Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да постапи по случајот за тендерите во Министерството за дигитална трансформација.

– Сите докази и документи СДСМ јавно ги објави. Бараме итно постапување од ДКСК по овој случај кој мора целосно да биде расчистен. Министерот Стефан Андоновски на прес-конференција го призна скандалот со тендерите во неговото Министерство. Но наместо да понесе одговорност, да се извини, и да поднесе оставка, тој дрско ги бранеше договорите за тендери кои завршиле кај сопругот на државната секретарка Клинчарова, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска пред зградата на Антикорупциска.

Според неа, ова претставува јасен случај на конфликт на интереси, непотизам и основан сомнеж за корупција кои, вели, се одлики на ВМРО-ДПМНЕ.

– Министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката. Државниот секретар раководи со целата администрација во секое министерство. Клинчарова била надредена на сите кои биле вклучени во тендерската постапка што завршила кај нејзиниот сопруг, вели Кузеска.

Ги повика ДКСК и ЈО веднаш да преземат конкретни чекори, бидејќи, како што кажа, „ова не е само прашање на злоупотреба на функцијата туку и директен удар врз довербата на граѓаните во институциите“.

– Мора да има целосно расчистување на коруптивните шеми на власта, а министерот Андоновски веднаш треба да поднесе оставка за да не влијае на постапката. СДСМ нема да дозволи оваа афера да остане без санкција. Институциите мора да реагираат, а граѓаните заслужуваат одговорност и заслужуваат правда, рече Кузеска.