Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ќе го одржи 29. Конгрес на кој, според најавите, ќе се анализираат причините за изборните резултати.
Досегашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски по изборниот пораз седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
– Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, информира тогаш СДСМ.
Во меѓувреме, на 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ.
Во периодот од 31 мај до 6 јуни, рок определен за кандидирање, кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.
Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни.
Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво.
Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат. Периодот за активната регистрација e зголемен и изнесува 20 дена.
Членовите ќе можат да се регистрираат преку две опции, преку онлајн алатката за активна регистрација што ќе биде достапна на интернет страницата на СДСМ во понеделник (03.06.2024) или втората опција преку општинските организации на СДСМ.
Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.