
Реагирајќи на вечерашното одбележување на 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ изрече остри квалификации за лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Таа го нарече „врховистот во ВМРО-ДПМНЕ“.
Во соопштението на СДСМ се вели:
„ВМРО-ДПМНЕ не е никакво продолжение на историското ВМРО. Историското ВМРО преку НОБ и АСНОМ е код на секој Македонец, а ова денешно ВМРО-ДПМНЕ е блед израз на апсолутното непознавање на македонската историја, манипулирање со чувствата на граѓаните и анти-патриотска агенда која владее во ДПМНЕ.
Ако нешто е ова ВМРО-ДПМНЕ, тоа е континуитет на врховизмот кој ја уништи македонската идеја.
Мицкоски е врховистот во ВМРО-ДПМНЕ. Ова ДПМНЕ ја киднапира славната историја на ВМРО за своја лична корист и полнење на џебови.
За Мицкоски, Македонија е кауза само кога треба да договара проценти од седум милијарди евра, кога треба да прави тендери за 10 поскапи од реалната цена, и тогаш кога треба да се вози со приватен авион, да јаде папаја и да ужива во скапи хотели низ светот на сметка на македонскиот народ“.
Во друго соопштение СДСМ вели дека „единствено што може да каже ВМРО-ДПМНЕ од прославата на нивниот роденден од археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола е да промовираат нов концепт на презентација на лагите.
По четири години локална власт и цела година централна власт, се што може ВМРО-ДПМНЕ е да каже е содржано во нивниот нов слоган ‘Најдоброто допрва доаѓа’.
По четири години апсолутна власт во локалната самоуправа, ВМРО-ДПМНЕ нема проект со кој. може да се пофали. Дури и Хераклеја во Битола е целосно запустена, оставена на забот на времето. Освен она што СДСМ го направи нема ништо направено, ниту во однос на патот до Хераклеја, со години не е исчистено, се распаѓаат содржините кои треба да се магнет за туристите“.