СДСМ бара началникот од Демир Хисар да биде разрешен, а ОЈО да постапи за случајот

Партијата бара министерот Панче Тошковски да не го заташкува случајот со најавата дека постапувањето на полицијата е предмет на истрага на внатрешната контрола при МВР и бара началникот да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) бара Обвинителството да постапи и да го испита постапувањето на полицијата во Демир Хисар за време на претресот во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, конкретно за постапката на началникот кој барал таа да биде одведена на разговор во полициска станица иако за тоа не постоел обвинителен налог.

Партијата бара министерот Панче Тошковски да не го заташкува случајот со најавата дека постапувањето на полицијата е предмет на истрага на внатрешната контрола при МВР и бара началникот да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

„Откако Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, денес бараме Обвинителството итно да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски. Целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран. Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува“, велат од СДСМ.

Опозиционерите обвинија дека началникот во Демир Хисар е човек на Тошковски и е поставен на оваа позиција од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција, и дека, како што велат, очигледно е ударната тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување и малтретирање на граѓаните пред избори.

„Инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог? Дали по налог на некој близок до Тошковски за да се врши терор? Што уште треба да се случи за Тошковски да понесе одговорност за распадот и злоупотребите што ги прави полицијата? Дали со тоа потврдува дека овој случај е под негов диктат? Дали ќе се огради директно од Мартиновски и ќе покрене кривична постапка против својот началник?“, велат од СДСМ.

Случајот со постапувањето на началникот од Демир Хисар од вчера го испитува внатрешната контрола при МВР.

(Видео) Претрес кај директорка на училиште во Демир Хисар, МВР бара на носилки да ја однесат во станица иако е на боледување