Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.”, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку изучувачите на македонскиот јазик од 17 земји коишто учествуваат на јубилејната, 55. Летна школа, како и преку семинаристите на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот, рече директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во своето обраќање на свеченото отворање на јубилејната 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.
„Ние, 55 години како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), неуморно го браниме и народниот и стандардниот македонски јазик. Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Нашата мисија била, е и секогаш ќе биде од суштинско значење за нашата држава. Ова е кажано многупати досега, но нужно е да се повтори и овојпат, оти е факт којшто не смееме да го заборавиме. Tој укажува на обврската и одговорноста којашто ја имаме и ние како Семинар, и на сите чинители на нашата општествена и политичка стварност, особено на оние од коишто ни е неопходна поддршка за остварувањето на нашите заложби“, порача Мојсова-Чепишевска.