Светски ден на театарот: Публиката не доаѓа да гледа совршенство, туку да препознае искреност и чиста вистина

Театарот е потреба од човечка природа. Не е важно местото, важна е идејата и суштината. Театарот не е филм. Тој е сега и овде, жив и право в очи. Отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди отворено да се зборува, се вели во македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март, која за годинашното одбележување ја состави независниот театар „Златен Елец“, основан во 2020 година во Скопје.

Театарот е потреба од човечка природа. Не е важно местото, важна е идејата и суштината. Театарот не е филм. Тој е сега и овде, жив и право в очи. Отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди отворено да се зборува, се вели во македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март, која за годинашното одбележување ја состави независниот театар „Златен Елец“, основан во 2020 година во Скопје.

Како што наведува, театарот е полн магацин со крилја, исто како во соништата, а  публиката не доаѓа да гледа совршенство, туку да препознае искреност и чиста вистина.

-Наш „магацин“ еднаш беше една стара куќа, на улица во Скопје, сите ние верувавме дека е театар, немавме многу услови, но имавме силен мотив и голема желба за независен театар … Театарот треба да се создава од вистинска потреба. Од радост. Од немир. Од немоќ. Од љубопитност. Од желба да се разбере светот што постојано се менува. Театарот е имитација на животот во едно општество или средина, но и негово преиспитување и треба да се искористи за преку него гласно да се зборува за промени, зашто во обичниот живот нема тонец што ќе ни пушти музика, нема брз расплет за да ги разреши работите, нема сценограф да го нацрта и оживее светот што ни е потребен. Вистинскиот живот е тежок, убав, тажен, краток или долг, театарот отсекогаш го анализирал, го лекувал и нудел утеха, посочувал кон желба за промена и носел провокација, пишува во националната порака.

Во пораката „Златен Елец“ посочува и дека „да гледаш театар значи да сонуваш, да се занимаваш со театар значи да се валкаш со прашина, со шминка, со песок, со крв и пак да сонуваш.“

– Да се откажеш од нормалното за да живееш нешто ненормално, но вистинско. Тоа е љубов, пасија и начин на живот. Убава болка што те уништува и те разубавува истовремено, се наведува, меѓу другото, во пораката.

Автор на меѓународната порака по повод Светскиот ден на театарот годинава е американскиот актер и театарски творец Вилем Дефо, кој денес е уметнички директор на Театарското биенале во Венеција во рамките на програмскиот комплекс  La Biennale di Venezia.

Во обраќањето по повод Светскиот ден на театарот Дефо се присетува на своите скромни почетоци во „The Wooster Group“ – театарска трупа со седиште во Њујорк. Како што вели, без разлика колку луѓе се присутни, публиката како сведок му дава на театарот смисла и живот и нагласува дека „социјално и политички, театарот никогаш не бил толку важен и витален за нашето разбирање на самите себе и на светот“.

Во однос на новите технологии и социјалните мрежи, Дефо смета дека „интернетот можеби поставува прашања, но многу ретко создава чувство на чудо, кое театарот го буди“.

-Тоа чудо се темели на внимание, ангажман и спонтано заедништво на оние присутни во кругот на акција и реакција. Како актер и театарски практичар, верувам во силата на театарот. Во свет што се чини сè повеќе антагонистичен, контролирачки и насилен, нашиот предизвик како творци на театар е да избегнеме корупција на театарот, и да го спречиме убедувањето дека театарот е комерцијален бизнис посветен на забава и разонода; или дека театарот е само сув институционален чувар на традиции; туку да ја поттикнеме неговата моќ да поврзува луѓе, заедници, култури и пред сè, да поставува прашања за тоа каде се движиме…Големиот театар го предизвикува нашето размислување и нè поттикнува да замислиме кон што се стремиме. Преку раскажување приказни, со естетика, јазик, движење, сценографија, театарот како целосна уметничка форма може да ни покаже што некогаш бил, што е и каков би можел да биде нашиот свет, вели Вилем Дефо во годинашната меѓународна порака за Светскиот ден на театарот.

Светската порака и нацоналните пораки по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март вечер ќе се читаат на сите театарски сцени во светот, пред изведбите на претставите. Светскиот ден на театарот е востановен од Интернационалниот театарски  институт (ИТИ) во 1961 година и оттогаш се слави на 27 март со разни  театарски настани и со читање на пораките. Првата меѓународна порака  ја напиша францускиот писател, сликар и режисер Жан Кокто во 1962 година.