Светските цени на храната паднаа, кај нас пораснаа за 4,1 отсто

Сезонското овошје и зеленчук ги преплавија пазарите, но цените повторно се „вивнаа“. Во скопските маркети и продавници кои се специјализирани за овошје и зеленчук, на крајот на мај и почетокот на овој месец, цените варираат, но сепак се одржуваат на високо ниво.

Светските цени на маслото, шеќерот, житариците во пад, пораст на цените на месото и млечните производи. Светската организација за храна и земјоделство (ФАО) објави дека во мај во однос на април вкупниот индекс на цените на храната е намален за 0,8 отсто. Државниот завод за статистика кај нас измери дека трошоците на живот за храна во истиот анализиран период, се зголемени за 4,1 отсто. Во мај во однос на истиот месец лани, освен на храната, трошоците на живот се зголемени и за одржување на домаќинствата, за здравствена заштита, кај угостителскиот сектор, пишува Порталб.мк

Нов ценовен удар – зошто цените повторно се „вивнаа“

Сезонското овошје и зеленчук ги преплавија пазарите, но цените повторно се „вивнаа“. Во скопските маркети и продавници кои се специјализирани за овошје и зеленчук, на крајот на мај и почетокот на овој месец, цените варираат, но сепак се одржуваат на високо ниво.

Конкретно, килограм јагоди се продава и за 300 денари, праските од 170 до 200 денари, килограм лубеница најмалку 60 денари. Нешто пониски се цените на краставицата, килограм од 35 до 50 денари но доматот и пиперките и натаму „држат“ цена и од 100 денари. Изминатиот период одредени производи значајно поскапеа, како на пример, 100 грама кафе кое се продаваше за 74 денари, сега, под истиот бренд со иста грамажа, чини 99 денари што е зголемување за повеќе од 25 отсто.

Државниот завод за статистика (ДЗС) измери дека во мај во споредба со април вкупната инфлација изнесува 1,5 отсто, а трошоците на живот само за храната се зголемени за 4,1 отсто. Трошоците за храната се зголемени и во однос на мај, лани, за 4,9 отсто, додека во првите пет месеци од годинава во однос на истиот период во 2024 г. порастот изнесува 4,1 отсто.

Од јануари до крајот на мај во споредба со истиот период лани, трошоците на живот се зголемени речиси за сѐ: за одржување на домаќинство и мебел за 3,7 отсто, за здравствена заштита за 4,1 отсто, за ресторани и хотели 7,8 отсто.

Светските цени на храната во пад 

Во мај во однос на април, според статистиката на Светската организација за храна и земјоделство (ФАО), индексот на цените на храната е намален за 0,8 отсто. Конкретно индексот на цените на житарките е намален за 1,8 отсто, на растителното масло за 3,7 отсто, а на шеќерот за 2,6 отсто.

Глобалните цени на пченката нагло се намалија во текот на месецот, под притисок од силната конкуренција и зголемената сезонска достапност. Глобалните цени на растителното масло се намалија поради конкуренцијата, зголеменото сезонско производство и постоечките залихи – наведуваат од ФАО.

Од друга страна во мај во споредба со април индексот на цените на млечните производи е зголемен за 0,8 отсто, а на месото за 1,3 отсто.

Домашната растечка инфлација е под „будно око“ на НБМ. Во оценката на Извршниот одбор за монетарна политика на НБМ, прва во мандатот на новиот гувернер Трајко Славески, се нотира дека мајската инфлација е повисока од очекувањата и затоа е потребна претпазливост. НБМ на чело со новиот гувернер ја задржа сегашната монетарна политика, без интервенција во инструментите за олабавување.

Инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи. Имено, во мај 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 3,3 отсто. Ова во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбената компонента, што следува по завршувањето на важноста на мерките за ограничување на растот на цените – наведуваат од НБМ и додаваат :

Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката .

Од Владата најавија дека се следи состојбата со ценовниот пораст и според информации на „Порталб“ не е исклучено повторно да се посегне по одредени мерки поврзани со маржите и крајните цени. (Мета)