Претседателот на Русија, Владимир Путин изрази длабоко сочувство поради смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, објави Кремљ.
„Владимир Путин го изразува своето најдлабоко сочувство по смртта на Михаил Горбачов и утринава испрати телеграма со сочувство до неговото семејство и блиските“ – информираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изрази „длабока тага“ и го нарече Горбачов „уникатен државник, кој го промени текот на историјата“.
„Направи повеќе од кој било друг, за да поттикне Студената војна да заврши на мирен начин“ – пишува во соопштението на Гутереш.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го опиша Горбачов како „водач кој беше достоен за доверба и почит“.
Последниот советски лидер „одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е наследство што нема да го заборавиме“ – напиша таа на Твитер.
Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Горбачов за „ангажманот за мир во Европа“.
Според Макрон „тој е човек на мирот, чии избори го отворија патот кон слободата за Русите“.
„Неговиот ангажман за мир во Европа ја промени нашата заедничка историја“ – додаде Макрон.
Британскиот премиер во заминување, Борис Џонсон ги поздрави неговите „храброст и интегритет“.
„Многу ме натажи веста за смртта на Горбачов. Секогаш се восхитував на неговите храброст и интегритет што ги покажа при завршувањето на Студената војна“ – објави тој на Твитер.