Светска банка ја намали прогнозата за раст на македонската економија на 2,4 отсто

Растот на македонската економија годинава ќе изнесува 2,4 отсто, за 0,3 процентни поени помалку од есенската прогноза, се вели во најновиот извештај на Светска банка за Западен Балкан, насловен „Тестирање на отпорноста, што беше презентиран денес во Скопје.

Ова е сепак пооптимистичко сценарио од она на Меѓународниот монетарен фонд за раст на БДП во нашата земја од само 1,4 отсто, што беше презентирано неодамна. Во однос на инфлацијата и девет институции се на иста линија – таа годинава ќе остане висока, и ќе изнесува 9,1 отсто (според ММФ 9,2 отсто).

Генерално, основната порака на Светска банка е дека Северна Македонија е дека треба да се посвети поголемо внимание на реформите, а политиките да се фокусираат на обновување на одржливоста и на отпорноста на шоковите за да се спречат идни уназадувања на растот.

Неопходно е подобрување на даночната дисциплина и проширување на даночната основа, како и потаргетирано користење на буџетските средства за поддршка на граѓаните и компаниите, односно нивно насочување кон оние на кои помошта им е навистина неопходна.

Во споредба со другите земји од Западен Балкан (Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина), Македонија и годинава е меѓу земјите со најнизок раст, а за жал, и во наредните две години нема многу да се одлепи, што значи дека во однос на растот го губи чекорот и регионално, но исто така е значајно под потенцијалите на домашната економија која се проценува дека може да продуцира раст од околу 4,5 отсто.

Инаку, проекциите за земјите од Западниот Балкан и натаму упатуваат на умерен раст на БДП во 2023 година во регионот, кој се очекува да достигне 2,6 проценти, главно поттикнат од приватната потрошувачка и извозот, а во некои земји и од јавните инвестиции, се вели во извештајот.

„Високофреквентните показатели укажуват на понатамошно забавување на растот во првото тримесечје од 2023 година. Индустриското производство се намали за 2,3 отсто во јануари 2023 година, но повисокото производство на енергија и рударство го ублажи намалувањето предизвикано од падот кај преработувачката индустрија“, се вели во извештајот. Притоа се додава дека трговијата на мало забележа зголемување за 3,6 отсто, но се намали за 13,6 отсто во споредба со претходниот месец. Закрепнување е регистрирано кај туризмот, иако според бројот на туристи и ноќевања уште сме под нивото пред пандемијата.

Светска банка посочува дека минатата година инфлацијата се искачи на највисоко ниво во последните две децении во сите земји од Западен Балкан, а ценовните притисоци останаа високи и на почетокот од 2023 година.

„Под влијание на зголемувањето на цените на храната и на енергијата, сега инфлацијата покажува знаци на забавување, додека надворешните двигатели ослабнуваат поради забавениот светски раст. Меѓутоа, инфлаторните притисоци продолжуваат и бараат понатамошни мерки од страна на монетарната политика“, посочи Сања Маџаревиќ – Шујстер, виш економист во Светска банка и главна авторка на извештајот.

Таа додава дека повисоките цени особено тешко ги погодија домаќинствата со ниски приходи, а тоа, заедно со послабиот економски раст резултираше со многу побавно темпо на намалувањето на сиромаштијата, и покрај одредените придобивки од програмите на владите за ублажување на енергетската криза. Можните ограничувања во претстојниот период ги опфаќаат пониската надворешна побарувачка, која би можела да има негативно влијание врз приходите од извозот и да ги ограничи дознаките, како и намалениот фискален простор, кој и понатаму ја ограничува поддршката што може да им се даде на домаќинствата.

„Најсиромашните домаќинства трошат многу поголем дел од своите приходи на енергија и на храна, две ставки во потрошувачката кошничка со најголемо зголемување на цените“, вели Маџаревиќ – Шујстер.