Масовната гробница во украинскиот град Буча, во близина на Киев крие 57 мртви тела на убиени цивили, изјави денеска шефот на локалниот спасувачки тим – Серхи Каплични.
„Тука, во оваа долга гробница, се закопани 57 луѓе“ – изјави Каплични.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат безживотни тела на улиците на градот Буча. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица откако украинските сили вчера ја вратија контролата врз Буча.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи.
„Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“ – рече Макрон.
Шефицата на германската дипломатија – Аналена Бербок изјави дека Русија мора да плати за своите „воени злосторства“ во украинскиот град Буча.
„Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници. Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната“ – напиша Бербок на Твитер.
Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг ги опиша злосторствата во Буча како „ужасни“, истакнувајќи дека „тоа е бруталност кон цивилите каква што не сме виделе во Европа со децении“.
„Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат. И тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши“, изјави Столтенберг.
И американскиот државен секретар Ентони Блинкен е ужаснат од сликите од Буча.
„Не смееме да го нормализираме ова. Ова е реалноста на она што се случува секој ден додека руската бруталност над Украина продолжува“ – изјави Блинкен.