Одбраната на обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот бара предметот да се преквалификува бидејќи според нив, обвинението за убиство не држи затоа што жртвата немала видливи повреди.
Во судскиот процес денеска сведочеа лекарите од Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување КАРИЛ, Маја Мојсовска и Билјана Андоновска, според кои, Тот бил донесен кај нив без знаци на живот.
Во текот на рочиштето адвокатите отворија сомнеж дали лекарите знаеле или не за повредата на рбетот, која според нив, доколку знаеле, најверојатно пациентот ќе преживеел.
Одговарајќи им на адвокатите во врска со ова, докторката Билјана Андоновска во својство на сведок нагласи дека според првичните дијагнози, немало таков опис во документацијата со која располагале. Во меѓувреме, според докторката Миовска, ниту еден друг вид третман не би го сменил фактот дека срцето на ракометарот престанало да чука.
„Дури и да се знаеше за повредата на рбетот, текот на лекувањето ќе беше ист“, рече Маја Мојсовска Миовска, докторка на КАРИЛ.
Адвокатот Еленко Миланов вели дека не е многу сигурен во изјавите на докторката.
Од судска медицина претходно изјавија дека ракометарот Тот починал поради оток на мозокот и повреди на рбетот, но главна причина за смртта биле ударите од обвинетиот, при што му биле нанесени повреди на ‘рбетниот столб.
За сторено кривично дело убиство, Основното обвинителство Скопје ги гони Ангело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски. Инцидентот се случи на 7 април во дискотека во градскиот парк во Скопје.