Сведок на пожарот во „Пулс“: Само Панчо ги повика гостите да излезат надвор

Одговарајќи на прашање на Обвинителството, но и на одбраната, сведокот Стево Манасиев рече дека додека работел како диџеј во „Пулс“ се користела пиротехника, што ја поставувало лице од Скопје. Го опиша како повозрасен човек. Но, како што кажа, не го видел вечерта кога се случил пожарот.

Одговарајќи на прашање на Обвинителството, но и на одбраната, сведокот Стево Манасиев рече дека додека работел како диџеј во „Пулс“ се користела пиротехника, што ја поставувало лице од Скопје. Го опиша како повозрасен човек. Но, како што кажа, не го видел вечерта кога се случил пожарот.

Освен пејачот на групата ДНК, Панчо, никој друг не ги повика гостите да излезат надвор кога настана пожарот во „Пулс“, а единствениот излез беше главната врата, каде што настана хаос – сведочеше Стево Манасиев на денешното рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија.

Манасиев од 2012, кога било отворено т.н. кабаре до 2017-2018 година хонорарно бил ангажиран како диџеј во „Пулс“. Критичната вечер таму бил присутен во два наврати. Еднаш за да сретне со Филип Стефановски, клавијатуристот на групата ДНК, од кого претходно таа недела дознал дека бендот ќе настапува во „Пулс.

„Отидов во 22:30 часот. Се задржав не повеќе од 10-15 минути. Членовите на бендот во тие моменти ја местеа опремата – гитари, тапани, клавијатури. Не видов дека се поставува и пиротехника. Јас додека бев таму, не видов таква работа”, рече сведокот.

Во „Пулс“ се вратил околу 2 часот по полноќ заедно пријател, кој со себе ги водел и синот и внук од сестра. Не купиле билети, туку влегле слободно.

„Мене не ми наплатија, а за нив не сум сигурен, но мислам дека не им наплатија ниту на пријателот”, рече Манасиев.

Потврден беше неговиот одговор на прашањето дали младите со нив биле малолетни. Според своето сеќавање, рече дека и обезбедувањето ги пуштило да влезат слободно.

„Мартин (еден од обезбедувањето) ми побара билет, јас му реков дека е во ред и нè пушти. Мислам дека ги пушти и децата оти беа со родител”, рече Манасиев.

Според негова проценка, внатре во „Пулс“ критичната вечер имало меѓу 500 и 600 гости.

„За кратко време откако влеговме, се запали пиротехниката, на одредена песна ги активираа прскалките. Мислам дека беа две прскалки, не сум сигурен, но мислам дека беа две. После активирањето на прскалките некој од првите маси му кажа на Панчо дека гори таванот, по што тој му се обрати на Деко. Панчо потоа на микрофонот кажа сите да излеземе надвор и дека ќе се вратиме за 10 минути”, рече сведокот.

Од времето на активирањето на прскалките до предупредувањето од Панчо, според него, поминале околу пет минути. На прашање на обвинителот дали некој реагирал на активирањето на пиротехниката и дал предупредување, сведокот рече дека такво нешто не се случило. Одговори потврдно дека Дејан Јованов-Деко во тоа време бил внатре, но не го видел да реагира. Од видеоснимки подоцна видел дека пожарот со ПП-апарат го гаси Виктор Јорданов.

„Според мое видување, сите присутни не ја сфатија сериозно ситуацијата. Сите се повлекоа кон вратата но таму имаше многу малку простор за излез. И јас се упатив натаму. Првично бев заглавен на излезот и не можев да се движам никако. Бидејќи беше многу лоша ситуацијата, си реков дека ова е крајот, дека ќе останеме овде и ќе се случи најлошото”, рече сведокот.

Неговиот пријател Петар бил заглавен зад него. Децата ги спасил така што ги истуркал напред, а како го направил тоа и самиот не се сеќава. Манасиев рече дека и тој не се сеќава како се спасил.

„Знам дека излегов надвор сам, дали додека ги вадеа луѓето ми се одглави ногата и успеав да излезам. Бев во свесна состојба, надвор застанав, ми се слоши, веројатно од чадот, повратив пред самата дискотека, бев исцрпен”, рече сведокот.

Потоа со сопругата заминале за Скопје, каде што побарал медицинска помош прво во „Систина“, а потоа во Градската болница, каде што бил хоспитализиран неколку дена. Поради сериозноста на неговата состојба, тој бил испратен на лекување во Полска, каде што останал 24-25 дена.

Одговарајќи на прашање на Обвинителството, но и на одбраната, Манасиев рече дека додека работел како диџеј во „Пулс“, се користела пиротехника, што ја поставувало лице од Скопје. Го опиша како повозрасен човек. Но, како што кажа, не го видел вечерта кога се случил пожарот.

На денешното рочиште требаше да сведочат петмина сведоци на одбраната, но двајца не беа присутни, еден поради здравствени причини, а друг поради неодложни испити. Тензии во судницата предизвика сведочењето на Дејан Манасиев, за чиј исказ Обвинителството рече дека е контрадикторен, во однос на тој даден во истрагата. На неговото сведочење бурно реагираа и родителите на загинатите што денеска беа присутни во судницата. Мајка на загинат во „Пулс“ во изјава за медиумите рече дека сведокот дал лажен исказ пред Судот и најави дека ќе му поднесат кривична пријава поради тоа.

На крајот на денешното рочиште, бранителката на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Беким Хаџиу, адвокатката, Софија Лаличиќ, побара на нејзиниот клиент да му биде укината мерка притвор. Како што наведе таа, Хаџиу е 10 месеци во притвор, а причините поради кои му е одредена мерката веќе не постојат. Таа кажа и дека во повеќе наврати била нудена гаранција. Последен пат била понудена гаранција од еден милион и 260 илјади евра што ги собрале негови пријатели во недвижен имот. Таа се приклучи на барањето на нејзиниот колега Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шофкет Хазари за запирање на постапката за неговиот клиент и други обвинети службеници во предметот, како што тоа го направи ОЈО ГОКК за седуммина полициски службеници, во одделна постапка.