Сведокот во случајот за убиствата на Вања и на Панче е во бегство, запалил и кафуле
Гоце Трајковски, лицето кое требаше да се појави како сведок на судењето за убиството на Вања и Панче е недостапен за органите на прогон.
Гоце Трајковски, лицето кое требаше да се појави како сведок на судењето за убиството на Вања и Панче е недостапен за органите на прогон. Осомничен е од 13 ноември во случај за палење на објект – кафуле во Кисела Вода и од тогаш е во бегство. Двајцата негови соучесници се фатени и против нив е поведена истрага, но Трајковски е во бегство.
Инаку Гоце Трајковски беше споменат како лице кое заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, водел паралелна потрага по Вања по нејзиното грабнување.
Тој, инаку беше на листата на сведоци на обвинителатвото.
„На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450.000 денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите. На местото пристигнале со автомобил ‘Фолксваген голф’, се паркирале во близина на кафе барот, а едниот осомничен останал во возилото да чека. Вториот осомничен зел секира од багажникот и го скршил лизгачкото стакло, додека третото лице кое е идентификувано и се преземаат мерки за негово пронаоѓање, запалило оган со бензин. Потоа сите заедно избегале од местото. Истрагата е отворена, бидејќи со дејствијата како соизвршители предизвикале тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. За двајцата осомничени кои се веќе обезбедени, по предлог на јавниот обвинител, определена им е мерка притвор“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Интересно е тоа што само два дена подоцна, кога Гоце Трајковски требаше да сведочи на рочиштето за убиствата на Ѓорчевска и на Жежовски, тој не се појави во судницата. Неговата мајка Кираца Трајковска, која исто така сведочеше, тогаш истакна дека нејзиниот син доживеал паничен напад и затоа не можел да дојде на рочиштето.
Ако не го обезбедат за сведок, во суд в понеделник ќе биде презентиран неговиот исказ од истрагата, даден пред јавен обвинител.