Сашо Наумоски: Комората го институционализира гласот на бизнисот

Според него, едно од правилата да се биде успешен на пазарот и да се развива бизнисот е да се биде во чекор со промените и да се биде дел од нив. Во спротивно, ако не се прифатат промените, ќе има застој и полека ќе се исчезне од пазарот.

Oдржливоста и развојот на компаниите, новите инвестиции, присуството на нови пазари на нашите компании се дел од темите за кои разговараат претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и Сашо Наумоски, генерален извршен директор на „Витаминка“ од Прилеп и почесен конзул на Украина во Македонија, во следната епизода на подкастот „Бизнис-клуб“.

Според него, едно од правилата да се биде успешен на пазарот и да се развива бизнисот е да се биде во чекор со промените и да се биде дел од нив. Во спротивно, ако не се прифатат промените, ќе има застој и полека ќе се исчезне од пазарот.

„Сигурноста и претпазливоста се најголемиот фактор за бизнисот. Во моментов воопшто не ни е тема за размислување безбедноста на капиталот. Едноставно размислуваме да се развиваме, да ја прошируваме компанијата, да инвестираме во нови погони и во нови производи и да се пробиваме на нови пазари“, истакна Наумоски.

Во разговорот со претседателот Азески, Наумоски ја истакнува важноста на Стопанската комора, која како институција многу значи за компанијата „Витаминка“ бидејќи претставува потпора за сите движења на стопанството и мост за балансирање на потребите на бизнисите со реалните економски случувања, а дава и решенија за надминување на проблемите. Според него, обединувањето на компаниите е една од најголемите вредности на Комората, а оттаму произлегува и другата нејзина вредност – моќта да влијае и да носи промени, затоа што Комората не е само застапник на интересите на бизнис-секторот, туку и го институционализира гласот на бизнисот и го става во концепт доволно силен и моќен да ги издејствува потребните промени и да се спротивстави на сите пречки.

„Комората значи премногу за бизнисот во Македонија. Сè што сакаме да артикулираме и да кажеме во однос на недостатоци во работењето во Македонија и за одредени промени ние го кажуваме преку Комората; сè што ни требало за странските пазари информациите сме ги добивале од Комората; сè што ни требало од едукации го имала Комората и сме го користеле максимално “, потенцираше Сашо Наумоски.

Од 2015 година е потпретседател на Стопанската комора на Македонија и според него стопанството треба да го добие своето место во целосниот напредок на земјата, а Комората е таа што го води бизнис-секторот низ потребните промени.