Сарацин: Германија ќе ја придружува С. Македонија на европскиот пат

„Имам доверба во македонските политичари, и во луѓето дека ќе можеме да продолжиме заедно по патот на ЕУ. Знам дека ова е тежок момент за вас, но тој е и момент кој носи надеж во себе. Вратата е сега толку широко отворена колку што не беше долго време, знам дека е тешко да се влезе во неа, но да продолжиме заедно по патот на ЕУ“.

Ова е пораката на Мануел Сарацин, специјален претставник на Германија за Западен Балкан кој се наоѓа во посета на Македонија.

„За мене е важно овој процес со Северна Македонија мора да се случи, тоа е во интерес на Северна Македонија и во интерес на ЕУ. Овој европски компромис според мене е шанса. Кога видов што стои во последниот документ бев зачуден, бидејќи видов дека е тој компромис во кој се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија. Еден компромис никгаше не е перфектен, но овој предвидува процесот на преговори да почне веднаш по неговото прифаќање без натамошни одложување и блокади“, рече Сарацин.

Тој подвлече дека има разбирање за грижата за идентитетот и јазикот да бидат доведени во прашање, но додаде дека македонскиот идентитет и јазик за Германија се јасни и со овој предлог се сочувани.

„Во Германија ние велиме да го направите следниот чекор. Германија ќе биде на страна на Северна Македонија и би сакал да ја придружуваме на европскиот пат“, истакна тој. Сарацин посочи дека има разбирање и за недовербата кон бугарската позиција, но едно е многу јасно, рече тој, кога процесот ќе заврши тогаш тој завршува. „Тука не се содржани блокадите од Бугарија, ќе има вистински преговарачки процес. Не можам да ветам каков ќе биде исходот од процесите во Бугарија, но сега треба да направите нешто за да се обезбедите за понесигурни времиња. Може утре да се затвори тој прозорец. Германија и ЕУ ќе направат се патот на Северна Македонија кон ЕУ да биде отворен низ постапка, но без постапка овој пат не е отворен“ – појасни тој.