„Сапорт Кочани“ на анкетната: Родителите девет месеци не спиеле вие барате еден саат пауза?!

Родителите на настраданите деца од пожарот во „Пулс“ во Кочани, како и сите волонтери од „Сапорт Кочани“, нема да дозволат одолговлекување на расправата на Анкетната комисија во Собранието, каде се расправа по нивна претставка.

Родителите на настраданите деца од пожарот во „Пулс“ во Кочани, како и сите волонтери од „Сапорт Кочани“, нема да дозволат одолговлекување на расправата на Анкетната комисија во Собранието, каде се расправа по нивна претставка.

„Прво да ве прашам дали одморивте, како се викавте, Иванка, Ивона… не ве гледам, тука седеше, излезе ли? Како не ви е срам? Тука пред нас од Кочани вие се препукувате! Расправата уште не ни почнала, вие барате пауза од еден саат! А бе ние за еден саат цела веб-страница направивме од „Сапорт Кочани“ за да помогнеме! Знаете ли што значи еден саат?“, праша Иван Ивановски од „Сапорт Кочани“ кој зборуваше на денешната Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, каде се расправа по претставка поднесена од родителите на младите лица кои трагично ги загубија животите во пожарот што избувна во кочанската дискотека „Пулс“. Во меѓувреме пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, која претходно им порача на родителите од Кочани дека биле злоупотребени и искористени од претседателот на комисијата, Димитар Апасиев и ги покани да дојдат во нејзината канцеларија за време на паузата за да им објаснела како стојат работите, но родителите од клупите одмавнуваа со рацете, ја напушти салата во која се одржува комисијата.

„Стварно ќе кажам, ако ова е за некој само уште една политичка активност, тогаш подобро и да не учествувате. Ова одолговлекување ќе биде само опструкција на работата, а ние тука ќе бидеме тоа јавно да го кажеме, за тоа сме тука. Нема да дозволиме вакви работи. Пауза, ајде утре, ајде дискусии по еден саат ќе зборуваме?! Родителите девет месеци немаат спиено тука! Пауза ќе барате!? Ние девет месеци не сме направиле пауза, а волонтерски работиме! А вие сте платени тука. Нас на кондиција нема да не фатите, колку дена и да треба да биде, шо и да треба, ќе го направиме ова за Кочани! Родителите си стојат на ставот и ја сфаќаат поентата на расправата, дека ова е за авноста да се дознае вистината, да не се шушка зад врати и дека не може да се изманипулира. И пак ќе повторам уште еднаш, ова не е прашање за политика, ова е прашање за животот во Кочани, тие што останавме ние во Кочани.

Кога беа амбасадите ни кажаа дека од паралелка од 20 деца во Кочани 18 деца сакаат да се иселат од Кочани. Само ќе кажам дека ние сме последната генерација што може да сменат нешто и да знаете дека ние од „Сапорт Кочани“ нема да се откажеме и ќе се бориме до крај“, вети Ивановски.

На седницата се присутни членови на семејствата, но и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и спикерот Африм Гаши.