Санчез најави дека Шпанија ќе мобилизира 615 милиони евра воена помош за Украина

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез на денешната прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Мадрид следниот месец ќе мобилизира воена помош во вредност од 615 милиони евра

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез на денешната прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Мадрид следниот месец ќе мобилизира воена помош во вредност од 615 милиони евра.

Санчез додаде дека уште 202 милиони евра се предвидени за обнова на Украина.

Од вкупниот пакет помош за Украина од 817 милиони евра, 100 милиони евра се за програмата ПУРЛ на НАТО, која ќе служи за финансирање на забрзаното стекнување на системи за воздушна одбрана од САД за украинските вооружени сили. Пакетот, исто така, вклучува буџет од 215 милиони евра од програмата САФЕ на Европска комисија за Украина, кој ќе ги покрие трошоците за производство на системи против беспилотни летала, извидувачки радари и опрема за воздушен надзор, од кои многу ги развиваат шпански компании.

Во декември е предвидено да биде испорачана и пратка воена опрема во вредност од речиси 300 милиони евра, како дел од билатералниот безбедносен договор помеѓу Украина и Шпанија.

Зеленски претходно се сретна со шпанскиот крал Филип Шести и со министерката за одбрана Маргарита Роблес.