Сандерс: Македонија не треба само да трча кон ЕУ, туку да се фокусира на стратегии за развој

Македонија не треба само да трча кон Европската Унија (ЕУ), затоа што тоа не е клучот за да дојде тука некој и да инвестира. Државата треба да се фокусира на ветените стратегии за развој, а приоритет да бидат промените во образованието, но и обезбедувањето на работна сила, која е проблем веќе подолго време. Ваква порака испрати специјалниот советник во Стопанската комора Кристофер Сандерс. Вели дека секој кој сака да дојде и да инвестира тука, важно му е да може да го најде потребниот тим за работа.

„Последните стратегии биле за индустријата, образованието. Постојат документи од 2018 година, но од тогаш нема верзии нови и планови за нив такво нешто не гледам во оваа земја и без тоа како очекувате една компанија да инвестира тука, кога единствената аспирација на луѓето е да се стане членка на ЕУ“, вели Кристофер Сандерс, специјален советник на Стопанска комора.

Според Сандерс, погрешно е ако се зголемува продуктивноста со зголемување на работните часови. Со ваквиот план се враќаме 100-тици години назад.

„Јас сум ужаснат од претходната недела кога имаше најави од Индија и од Германија, каде се тврди дека луѓето треба да работат подолго и повредно. Не знам во кој век вие живеете, но со ова се чини дека се враќаме три века назад. Мора да се погрижиме, не значи дека треба да работиме повеќе часа“, додава Сандерс.

Продуктивноста и немањето кадар за работа е глобален проблем. Во земјава во, речиси, сите сектори тешко се наоѓаат луѓе. Огласите со месеци стојат отворени. Пред извесно време вицепремиерот Битиќи излезе со податок дека на земјава годишно и недостасуваат околу 10.000 работници, најмногу во градежниот сектори и угостителството. Државата одлучи да ја зголеми квотата за вработување на странци на 5.000. Празните места се пополнуваа со луѓе од Бангладеш, Непал, Пакистан.