
Само 4% од испитаниците целосно му веруваат нa правосудството, според најновата анкета на ИРИ, објавена денеска.
Претходните анкети покажуваа дека жителите во Северна Македонија веруваат околу 8% проценти во правосудството.
Ако утре се одржат предвремени избори 19% од граѓаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ покажува анкетата. Според неа, за СДСМ ќе гласаат 11%, 7% за ДУИ, а 6% за Левица.
Во однос на претходната анкета спроведена во ноември 2021 година, СДСМ загубиле 5 поени од својот рејтинг, а ВМРО-ДПМНЕ 1%. Рејтингот на ДУИ останал ист, додека на Левица се зголемил за 2 поени.
Според анкетата, близу 60% од граѓаните сметаат дека земјава се движи во погрешна насока што е речиси двојно повеќе од лани, а како најголеми проблеми се истакнуваат слабиот стандард, високите цени и корупцијата.
Анкетата е спроведена од Брима врз репрезентативен примерок од 1.207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври 2022 година.