Само четири министерства успеале да реализираат над 90% од капиталните расходи во 2023-та

Најниска реализација на капиталните расходи во Министерството за локална самоуправа, а ресорите за информатичко општество и за здравство не успеале да реализираат ниту половина од капиталните расходи што биле планирани во 2023 та. Објавени се новите сумирани податоци за реализација на јавните инвестиции. “Порталб“ ги рангира ресорите според степенот на остварување на капиталните расходи кои се клучен параметар за економскиот развој.

Најголем буџет за капитални расходи имаше Министерството за транспорт и врски под чија надлежност е реализацијата на инфраструктурните проекти во кои е вклучен и најголемиот – “Бехтел и Енка“. Лани од овој ресор по основ на капитални расходи се одлеале 306,3 милиони евра што претставува 99,62% во однос на планот и токму ова министерство котира на врвот на листата со највисок процент на остварување на инвестициите.

Министерството за одбрана кое исто така располага по гломазен буџет, лани, за капитални расходи потрошило 68,7 милиони евра или 94,46% од планираното. Од Министерството за финансии – функции на држава (од каде се префрлаат буџетски средства по различни основи до различни корисници), лани, по основ на капитални расходи се одлеале скоро 84 милиони евра што во однос на планот претставува остварување од 93,33%

Со поголем износ за капитални расходи располагаше и Министерството за образование кое во економската 2023 та успеало да реализира 83,24% од планот или 25,5 милиони евра. Министерството за внатрешни работи за капитални инвестиции во 2023 та потрошило скоро 15 милиони евра што претставува 82,22% во однос на вкупно планираните средства.

Министерството за економија од вкупниот буџет за капитални расходи потрошило 4,4 милиони евра или 86,84% во однос на проектираните средства за 2023 та. Од вкупно планираната сума за капитални расходи, Министерството за животна средна лани потрошило скоро 21,4 милиони евра или 82,48% а Министерството за земјоделство 9,4 милиони евра што претставува остварување на планот од 83,41%. Министерството за труд и социјална политика за капитални инвестиции потрошило 7,5 милиони евра или 89,19% од планираната вкупна сума во календарската 2023.

Реализација на капитални расходи 2023

Министерството за транспорт и врски 99,62%

Министерство за одбрана 94,46%

Министерството за правда 93,73%

Министерството за финансии – функции на држава 93,33%

Министерство за труд и социјална политика 89,19%

Министерство за економија 86,84%

Министерството за земјоделство 83,41%

Министерството за образование 83,24%

Министерство за животна средина 82,48%

МВР 82,22%

Министерството за надворешни работи е во групата на ресори со пониска реализација, лани за капитални инвестиции се одлеале 522 560 евра или 61,14% во однос на планот. Со пониско остварување е и Министерството за финансии со потрошени 2,5 милиони евра што претставува 63,77% во однос на планираните.

Министерството за правда кое спаѓа во групата на ресори со помали износи за капитални инвестиции лани потрошило 69 000 евра или 93,73% од вкупно расположливите средства за оваа намена. Министерството за политички систем лани по основ на капитални расходи реализирало 16 500 евра што претставува 88,52% во однос на планот.

За разлика од останатите ресори, неколку не успеале да остварат ниту половина од планираното. Тука спаѓаат Министерството за здравство кое од вкупниот буџет за капитални расходи потрошило 6,3 милиони евра или 49,19% и Министерството за информатичко општество кое лани потрошило 715 600 евра или 41,26%. Со најниско ниво на реализација е Министерството за локална самоуправа кое потрошило 20 200 евра или само 29,29% во однос на планот. Вкупно во 2023 та реализацијата на капиталните расходи на сите државни институции, министерства, агенции, Влада, Собрание, Претседател на држава, инспекторати, судска власт, фондови, комисии, изнесува 719 550 000 евра или 91,58% во однос на планот за целата економска година.