Само „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ ги исполнија капацитети за запишување ученици

Скопските гимназии како „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“ не се наполнија ниту во вториот уписен рок за учебната 2023/2024 година. Конкурсот за запишување ученици во гимназискотo образование, како што соопшти денес Министерството за образование и наука( МОН) е завршен само за „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје, објави СДК.

Првото пријавување на учениците се реализираше преку електронско аплицирање на 20 и 21 јуни, а второто пријавување на 27 и 29 јуни . Прелиминарните ранг листи се објавија на 22 јуни, односно на 29 јуни. Доставувањето на потребната документација до училиштата беше на 22 и 23 јуни и на 29 и 30 јуни. Конечните ранг листи се објавија на 24 јуни и на 1 јули.

Во двете пријавување вкупно се запишаа 15.481 ученик од кои: 11.325 ученици за настава на македонски наставен јазик, 3.852 ученици за настава на албански наставен јазик, 298 ученици за настава на турски наставен јазик и 6 ученици за настава на српски наставен јазик.

Според видот на образованието, во двете пријавувања запишани се вкупно: 4.603 ученици во гимназиско образование и 10.277 ученици во стручно образование.

Во Средното медицинско „Панче Караѓозов“ во Скопје, завршен е конкурсот за за образовните профили медицинска сестра, гинеколошко акушерска сестра, забен техничар и фармацевтски техничар на албански наставен јазик и за образовните профили фармацевтски техничар и физиотерапевтски техничар на македонски наставен јазик.

Од МОН велат дека учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок. Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август до полноќ.