Самостојна изложба на Кристина Горовска

Самостојната изложба на Кристина Горовска вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје.

Самостојната изложба на Кристина Горовска вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје.

Според кураторот, теоретичар и истражувач на полето на културата и уметноста Владимир Јанчевски, Кристина Горовска преку своите 23 слики ја вградува динамиката меѓу светлината и бојата, изразувајќи длабоко лична борба за егзистенција наспроти соочувањето со екстремните околности.

– Нејзиното дело е едноставно и длабоко, обележано со концизни композиции и чисти бои, движејќи се на границата помеѓу фигурацијата и апстракцијата. Горовска во овие дела не прикажува само конструирани визуелни сцени; таа пренесува низи од проживеани искуства. Овие слики се кристализирани моменти кои го опфаќаат целиот спектар на човечкиот живот, како што откриваат и некои од насловите: несреќа, загуба, љубов, тага, осаменост, борба и себеиспитување, надеж. Вовлечени да погледнеме низ оваа призма, ние сме сведоци не само на нејзиното лично патување, туку и на една универзална борба на човечката состојба, од медитации за падот и осаменоста, преку закрепнувањето и повторното издигнување, со надежта, кон обновена радост на живеењето, пишува Јанчевски за изложбата.

Сликите на Кристина Горовска, како што наведува, не се само визуелни артефакти – тие се впечатливи изрази на опстанокот, издржливоста и надежта.

– Преку нив се потсетуваме на убавината што може да произлезе и од најтешките околности и на потенцијалот на уметноста да не инспирира во заедничкиот стремеж кон развивање на нашето чувство за грижа, разбирање, поддршката и можноста да се види убавина во овој наш комплексен и фасцинантен свет, смета Јанчевски.