Сали: Не треба да продолжи скринингот кај учениците, се смирува четвртиот ковид-бран

Беким Сали – македонскиот министер за здравство смета дека согласно резултатите, нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците, бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал.

Тој смета дека бројките на новозаразени секојдневно се следат и сега се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран.

„Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринигнот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза на смирување на четвртиот бран“ – изјави Сали.

На утрешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се предложи дополнително намалување на мерките, посочи министерот.

„Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела, и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот“ – додаде Сали.