Сали: Неделава уште петпати ќе се гледаме

Министерот за здравство Беким Сали не знае дали Алтернатива се откажала од него, по информацијата дека новиот министер за здравство ќе биде од Алијанса за Албанците, бидејќи во тек се преговори меѓу Владата и Алијанса за влез на опозициската партија во власта. Сали не одговори дали Алтернатива ќе ја напушти Владата ако Алијанса стане дел од власта.

„Не знам дали се откажале, но даваат можност доколку името Беким Сали е пречка да не се инсистира по секоја цена. Треба да се дефинираат работите дали е индивидуата или е полоитиката приоритет и не верувам дека е ова мој последен јавен настап зашто неделава ќе ги промовираме сите центри кои добијат опрема од Светска банка и најмалку уште петпати ќе се гледаме, а за понатаму ќе видиме. Јас не знам кој ќе биде нов министер и дали има нешто дефинитивно. Не следам дневна политика. Се трудам мојата мисија, додека сум тука, да ги исполнам сите ветувања што сум ги дал пред јавноста“, рече Сали на новинарско прашање дали ова е негов последен настап како министер за здравство.

Сали дојде како министер за здравство кога неговата партија Алтернатива влезе во Владата во јануари минатата година.

Во тек се преговорите на владејачкиот СДСМ со Алијансата за Албанците, од каде што неофицијално се бара овој ресор за партијата да даде поддршка на владините политики.