„Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале КОВИД-19, имаат имунитет. Сите тие држави кои ги ослободија мерките имаа многу поголеми показатели. Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките“. Ова денеска го истакна министерот за здравство – Беким Сали.
„И индикаторот за хоспитализација и за новоинфицирани е позитивен. Се надевам дека оваа недела ќе испаднеме во зелена зона, меѓутоа дали ние сме подготвени да ги ослободиме мерките не сум сигурен и ќе треба да видиме што ќе одлучиме во среда на состанокот на Комисијата. Државите кои ни се репер индикаторите биле пониски од нашите, а и се вакцинирани над 80 отсто, така што и природната и вештачката имунизираност кај народот не е гарант дека нема да се врати претходната состојба“ – рече Сали.
Тој посочи дека состојбата не е се уште толку позитивна за да кажеме од денеска сме слободни.
„На една страна се желбите, а од друга страна се реалните бројки кои ги добиваме. Како Министерство здравство, Институт за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ја следиме состојбата освен во државата, во регионот и пошироко. Имаме четири држави кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки. Денес таму забележуваме бумеранг враќање на првобитна состојба. Сите ние се согласуваме дека не би ризикувале да направиме таков потег со цел само да олесниме, а повторно да се вратиме на претходното. Оваа недела на состанок на Комисијата за заразни болести закажан за среда ќе видиме каква е епидемиолошка состојба во државата“ – рече Сали.