Салвини: Макрон ја доведе Европа во опасност со изјавата за испраќање војска во Украина

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини денеска оцени дека францускиот претседател Емануел Макрон ја „загрозил“ Европа со тоа што неодамна изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање копнени сили во Украина.

Изјавата на Макрон во февруари дека западните сили може да бидат испратени во Украина е „исклучително опасна, прекумерна и неурамнотежена“ – рече Салвини во Рим, на состанокот на лидерите на националистичките и екстремно десничарските партии во Европа организиран од нивната група во Европскиот парламент „Идентитет и демократија“.

„Мислам дека претседателот Макрон со она што го рече претставува опасност за нашите земји и нашиот континент“, рече Салвини, чија екстремно десничарска партија Лига е дел од владината коалиција на премиерката Мелони.

„Не сакаме да ги оставиме нашите деца со континент подготвен да влезе во Третата светска војна“, додаде Салвини и продолжи: „Проблемот не се мајките и татковците, туку воинотворците како Макрон кои зборуваат за војна како да нема веќе доволно проблеми“.

На таа средба беа Андре Вентура, лидерот на антисистемската популистичка португалска партија Шега, која забележа добар резултат на изборите на почетокот на март, Харалд Вилимски од Австриската партија на слободата и поранешен кандидат на партиските избори на Републиканската партија во САД Вивек Рамасвами.

Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен не била на состанокот, но испратила видео порака.

Салвини, кој постојано го изразуваше своето воодушевување од рускиот претседател Владимир Путин, неодамна за исходот од претседателските избори во Русија изјави дека „кога народот гласа, тој е секогаш во право“.

Зборовите на Емануел Макрон, кој на 26 февруари потврди дека не треба да се исклучи идното испраќање војници од западните земји во Украина, особено ја налутија Германија и ги вознемирија другите европски сојузници.