
Вицепремиерот на Италија, Матео Салвини, коментирајќи ја убедливата победа на Владимир Путин на претседателските избори во Русија, денеска оцени дека исходот од изборите мора да се прифати, бидејќи „кога луѓето гласаат, секогаш се во право“.
„Тие (Русите) гласаа и ние го признаваме тоа, надевајќи се дека 2024 година ќе биде година на мир“, им рече тој на новинарите на маргините на конференцијата во Милано, според Ројтерс.
Салвини, кој е лидер на италијанската екстремно десничарска партија „Лига“ и беше верен сојузник на Путин пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, минатиот месец привлече критики во Италија поради коментарите за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во затвор во арктичката колонија.