Сакеларопулу свика лидерска средба, Грција се движи кон нови избори

Претседателката на Грција – Катерина Сакеларопулу, откако ги додели трите мандати за формирање Влада и ниту една од партиите не успеа да го обезбеди потребното мнозинство, за денеска закажа лидерска средба во Претседателската палата.

Процесот на доделување на мандатите за формирање Влада, заврши во експресно краток рок од само два дена, со оглед на тоа дека е јасно дека земјата ќе оди на втори избори, па така формалните процедури предвидени со Уставот се движат со забрзан ритам.

Сакеларопулу на одделни средби ги прими лидерите на трите партии што освоија најголем број гласови на изборите во неделата и им ги додели мандатите за формирање Влада, но никој од нив не го има потребното мнозинство од 151 пратеник.

Во понеделникот мандатот го доби лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, откако партијата победи на изборите со 40,79 отсто од гласовите и 146 пратеници, но за еднопартиска Влада му недостигаат уште пет пратенички места, па така, актуелниот премиер, неколку часа откако го прими ѝ го врати мандатот на Сакеларопулу.

Во текот на вчерашниот ден Претседателската палата на одвоени средби ја посетија лидерите на СИРИЗА Алексис Ципрас и на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, кои воопшто не го ни примија мандатот велејќи дека не произлегува можност за формирање Влада.

Со доделувањето и на третиот мандат се затвори циклусот на мандати за првите три партии.

Денешната лидерска средба е во рамките на одредбите предвидени со Уставот и е уште еден, последен обид за формирање Влада со широко мнозинство, што во конкретниот случај ќе биде само формално, за да се запазат процедурите.

Понатаму следи и формирање службена Влада која ќе има една и единствена обврска, да ја одведе земјата на изборите што ќе се одржат на 25 јуни.