Саемот на книга започнува на 18 април, на него ќе се презентираат над 60 издавачки куќи

Саемот на книга кој ќе се одржи по 36-ти пат годинава се одбележува под мотото „Приказна се чита”.

Повторно ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ во Скопје во периодот од 18 до 24 април. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од Македонија и регионот, а ќе имаат можност и да присуствуваат на преку 30 промоции на нови книги и автори, во рамките на Саемот.

Саемот на книга 2024 ќе биде отворен за посетители на 18 април од 10:00 часот.

Слоганот на Саемот оваа година е „Приказна се чита”, кој е инспириран од растечкото присуство на социјалните мрежи и начинот на брзо информирање преку опцијата наречена „story” (мак. „приказна”). Оваа реченица прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори” на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време.

Покрај широкиот избор на книги, Саемот оваа година организира и едукативни работилници, промоции и средби со автори кои ќе се реализираат на штандовите на издавачите, како и забавна детска програма која со сигурност ќе ги заинтеиресира најмладите посетители.

За првпат оваа година ќе биде реализирана Фелоушип програмата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), која ќе трае од 17 до 20 април и ќе им овозможи на учесниците на програмата одблизу да го погледнат Саемот и да се запознаат со македонските автори.