САД силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово

САД силно ги осудуваат дејствијата на Владата на Косово за насилен пристап до општинските згради на северот на Косово, дејствија што ги презедоа против советите на САД и европските партнери на Косово. Тоа се нагласува во пораката на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Тие акции остро и непотребно ги ескалираа тензиите, поткопувајќи ги нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе имаат последици за нашите билатерални односи со Косово. Го повикуваме премиерот Албин Курти да го смени курсот и сите страни да се воздржат од какви било понатамошни дејства што ќе ги разгорат тензиите и ќе промовираат конфликти“.

„Соединетите Американски Држави ја осудуваат акцијата на косовските власти за пристап до општинските згради на северот на Косово. Денешните насилни мерки треба веднаш да запрат“, напиша на Твитер и американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер.

И американскиот сенатор Крис Марфи соопшти дека на средбата со косовскиот премиер во понеделникот, Курти не го спомнал планот за пристап до општинските згради, додавајќи дека Курти треба веднаш да престане со „провокацијата“.