
САД повторно ги одложија санкциите против српската нафтена компанија НИС
Околу 45 отсто од НИС е во сопственост на „Газпром Нефт“, 11 отсто поседува матичната компанија „Газпром“, а речиси 30 отсто се во рацете на српската влада. Останатите акции се кај мали акционери. НИС управува со единствената нафтена рафинерија во Србија, во Панчево крај Белград, со годишен капацитет од 4,8 милиони тони, покривајќи го најголемиот дел од потребите на земјата.
Соединетите Американски Држави по шести пат ги одложија санкциите против српската нафтена компанија НИС (Нафтена Индустрија Србија), во сопственост на руската „Газпром“, соопшти српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.
Санкциите се одложени до 26 септември, изјави Ѓедовиќ-Хандановиќ, додавајќи дека целта е НИС да биде отстранета од листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД.
НИС беше ставена под санкции во јануари годинава поради врската со „Газпром Нефт“, кој е под западни санкции поради руската инвазија во Украина.
Околу 45 отсто од НИС е во сопственост на „Газпром Нефт“, 11 отсто поседува матичната компанија „Газпром“, а речиси 30 отсто се во рацете на српската влада. Останатите акции се кај мали акционери. НИС управува со единствената нафтена рафинерија во Србија, во Панчево крај Белград, со годишен капацитет од 4,8 милиони тони, покривајќи го најголемиот дел од потребите на земјата.
На 26 февруари „Газпром Нефт“ префрли 5,15 отсто од акциите на НИС на „Газпром“ за да избегне санкции, бидејќи „Газпром“ не е на санкционираната листа. Во март, НИС поднесе барање до Вашингтон за отстранување од листата на санкции, но тоа сè уште не е одобрено.