
САД му ветија безбедносни гаранции на Катар по неодамнешниот израелски напад во Доха
➡ Во декретот се прецизира дека Вашингтон ќе го смета „секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар - за закана за мирот и безбедноста на САД“.
САД ветија дека ќе обезбедат безбедносни гаранции за сојузникот Катар, на чија територија во текот на минатиот месец Израел изврши воздушни напади, се наведува во претседателскиот декрет објавен од Белата куќа.
„Политиката на САД е да ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет на Државата Катар од каков било надворешен напад“, се наведува во декретот потпишан пред два дена од американскиот претседател Доналд Трамп.
Израел на 9 септември изведе напад во Катар, насочен кон претставници на Хамас кои се состанаа во станбен комплекс во центарот на Доха, главниот град на земјата од Персискиот Залив, клучен сојузник на САД во регионот.
Нападот предизвика ретка критика од Трамп кон својот сојузник Израел, изјавувајќи дента дека е „многу незадоволен“ од направеното.
Во декретот се прецизира дека Вашингтон ќе го смета „секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар – за закана за мирот и безбедноста на САД“.
Во случај на напад, американската Влада ќе ги преземе „сите законски и соодветни мерки“, вклучително и воена акција, се додава во текстот на декретот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделник на средбата со Трамп во Белата куќа му се извини на Катар за нападот.