Османи му се заблагодари на државниот секретар Блинкен за гостопримството и исклучителната организација на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, истакнувајќи дека ова е важен ден за Република Северна Македонија.
“Отпочнувањето на стратешкиот дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија претставува значајна пресвртница во нашите севкупни билатерални односи и мислам дека е логичен чекор напред по 30 години воспоставени дипломатски односи и 15 години стратешко партнерство, а особено две години Сојузништво во НАТО”, истакна Османи.
Според Османи овој моментум ќе отвори ново поглавје на соработка и ќе ја врами севкупната соработка на двете земји.
“Ова е особено важно сега кога нашите вредности се оспорени; и ние земјите кои припаѓаме на демократскиот свет, кои споделуваме исти вредности, треба да бидеме тесно координирани за да се справиме со тие предизвици”, рече Османи.
“Мислам дека врв на нашата соработка беше нашето членство во НАТО и ние сме благодарни за поддршката што ни ја давате. Тоа беше прва и најважна стратешка цел за Северна Македонија. Се трудиме овие две години да бидеме додадена вредност не само за Алијансата туку и во нашиот регион како конструктивен партнер на НАТО”, додаде Османи, заблагодарувајќи се на САД за поддршката во аспирациите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ.
“Ќе продолжиме да работиме заедно во надминување на споровите што ги имаме за да станеме членка на ЕУ и да го туркаме целиот регион во евроатлантско закотвување” заклучи Османи .
Задоволство од иницирањето на Стратешкиот дијалог и од страна на Ентони Блинкен, државниот секретар на САД.
“Ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше Северна Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме”, истакна Блинкен.
“Силно ги поддржуваме амбициите на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме”, рече Блинкен.
“И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина. Бевте во Киев во еден од деновите кога разговарав со нашиот пријател Дмитро Кулеба, тамошниот министер за надворешни работи, со нетрпение чекам да разменам мислења со вас за тоa”, заклучи Блинкен.