САД го распоредија напредниот противракетен систем THAAD во Израел

-Системот THAAD е поставен. Имаме можност брзо да го вклучиме и да работи и досега напредуваме според очекувањата, изјави Остин пред неговото денешно пристигнување во Украина, но одби да каже дали системот е оперативен

Американската војска го распореди напредниот противракетен систем THAAD во Израел за краток временски период, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, додавајќи дека овој потег има за цел да ја зајакне одбраната на Израел откако Иран на 1 октомври лансираше повеќе од 180 балистички ракети.

Остин, исто така, објасни дека околу 100 припадници на американската војска се распоредени да го поддржат Израел во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток, пренесуваат британските медиуми.

-Системот THAAD е поставен. Имаме можност брзо да го вклучиме и да работи и досега напредуваме според очекувањата, изјави Остин пред неговото денешно пристигнување во Украина, но одби да каже дали системот е оперативен.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека целта на распоредувањето на системот THAAD, заедно со околу 100 американски војници, е да се поддржи одбраната на Израел.

Израелска влада и војска ја планираат одмаздата против Иран, откако официјален Техеран го нареди нападот врз Израел.

Американските власти наведуваат дека САД го повикаа Израел да го координира својот одговор за да избегне предизвикување поширока војна на Блискиот Исток, а Бајден јавно го изрази своето противење на израелскиот напад врз иранските нуклеарни постројки и загриженоста за можен напад врз иранската енергетска инфраструктура.