САД воведоа санкции за шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан
Со санкциите, високиот владин функционер Антал Роган е обвинет дека оркестрирал системи на корупција со цел да ги контролира секторите на унгарската економија и да ги пренасочи приходите во своја корист и во корист на лица од партијата на Орбан.
Американското Министерство за финансии денеска соопшти дека вовело санкции за шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Антал Роган, поради сомневање дека е вмешан во корупција во Унгарија.
Антал Роган е близок соработник на Орбан. Го води неговиот кабинет од 2015 година и има клучна улога во владата на унгарскиот премиер. Задолжен е за контрола на разузнавачките служби и медиумите. Со американските санкции е обвинет дека оркестрирал системи на корупција со цел да ги контролира секторите на унгарската економија и да ги пренасочи приходите во своја корист и во корист на лица од партијата на Орбан – Фидес.
„САД нема да се двоумат да побараат одговорност од поединци како Роган, кои ја користат моќта на својата функција за незаконски да се збогатат себеси и своите пријатели на сметка на својата земја и сограѓаните“, рече на прес-конференцијата в.д. потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии, Бредли Т. Смит.
Во врска со потегот на САД се огласи унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, остро критикувајќи ја одлуката на Вашингтон. Рече дека тоа е чин на лична одмазда кон Роган Антал организирана од страна на американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман.
„Колку е добро што за неколку дена САД ќе бидат предводени од луѓе кои на нашата земја гледаат како кон пријател, а не како непријател“, пишува Сијарто во објавата на Фејсбук.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес се меѓу најгласните поддржувачи на Трамп во Европа.