Савески ќе ги повлече сите обвинителски овластувања, Ристоска ќе ги изгуби предметите „Талир“

Новиот државен јавен обвинител Ненад Севески денес на брифинг со новинарите најави дека ќе ги повлече сите овластувања за обвинителите поради затечен хаос, меѓу кои се и тие на Ленче Ристоска за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, практично предмети од кои е засегната власта.

Новиот државен јавен обвинител Ненад Севески денес на брифинг со новинарите најави дека ќе ги повлече сите овластувања за обвинителите поради затечен хаос, меѓу кои се и тие на Ленче Ристоска за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, практично предмети од кои е засегната власта.

Иако не ја поврза одлуката со нив, тој не негираше дека индиректно тие случаи ќе бидат прераспределени, односно дека нема да и ги врати на Ристоска, преставувајќи ја одлуката како техничка, а не политичка.

Савески не знаеше колку од овластувањата што ги повлекува се однесуваат на предмети за корупција, правдајќи се дека во државното Јавно обвинителство воопшто нема евиденција кој, кои и колку предмети води, дека овластувања за предмети давале и виши јавни обвинители и дека обвинители од едни судови воделе предмети дадени на други обвинителства.

„Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања во сите предмети, освен тие за Кочани, Ресен и Крива Паланка“, најави Савески.

Тој најави исто така дека одлуката веќе е донесена и дека ќе ја дистрибуира во обвинителствата, нагласувајќи дека мора да има контрола на обвинителската работа во сите обвинителства. Притоа им порача на новинарите дека, ако го почитуваат, никогаш неговите одлуки не треба да ги нарекуваат политички, бидејќи не се и бидејќи никогаш не бил член на партија.

„Ленче Ристоска може да ви е на вас најбитна, но мене не ми е. Јас не планирам да фаворизирам ниту еден обвинител. Што ми е мене воопшто битно кој е обвинет во кој било предмет“, рече Савески уверувајќи ги новинарите дека нема да работи според прозивки и повици од политички партии, дека за него сите предмети ќе бидат исти, дека нема да одговара и коментира изјави, но ќе одговара на прашања на јавноста.

Околу обвинителите што нема да бидат иземени тој посочи како причина тоа што во Ресен и во Крива Паланка нема моментално кој да работи на предмети бидејќи нема обвинители, а дека предметот за Кочани е многу сложен и посложен од тој за полицајците , дека за него се овластени 15 обвинители, додека за вториот кој е исто така поврзан со „Пулс“, работела само една обвинителка, Ивана Трајчевска, и таа веќе е сменета бидејќи, како што инсистираше, и истекол мандатот.