Руте ќе биде новиот генерален секретар на НАТО

Холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде новиот генерален секретар на НАТО, објави холандскиот јавен сервис НОС. Тој на таа функција ќе го замени Јенс Столтенберг, чиј мандат истекува на 1 октомври.

Претходно денеска Унгарија и Словачка ја поддржаа кандидатурата на Руте за следен генерален секретар на НАТО.

Поддршката на Унгарија уследи по средбата на унгарскиот премиер Виктор Орбан со Столтенберг минатата недела, кога двете страни се договорија Унгарија да не ги блокира одлуките на Алијансата за поддршка на Украина, но дека Будимпешта нема да биде директно вклучена.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој досега се спротивставуваше на именувањето на неговиот холандски колега Марк Руте за генерален секретар на НАТО, конечно денеска реши да ја поддржи неговата кандидатура откако ги доби потребните гаранции.

Турција и Словачка, исто така, ги променија своите позиции во врска со кандидатурата на Руте, при што Турција ја објави својата поддршка за Руте на крајот на април, а Словачка претходно денеска.