Руте: НАТО останува камен-темелник на колективната безбедност

Премиерот на Холандија, Марк Руте по официјалното именување за следен генерален секретар на НАТО изјави дека Алијансата останува камен-темелник на колективната безбедност на земјите-членки.

– Извонредна чест е да се биде назначен за генерален секретар на НАТО. Алијансата е и ќе остане камен-темелник на нашата колективна безбедност. Водењето на оваа организација е голема одговорност, објави Руте на Икс.

Руте ќе го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на Алијансата од 1 октомври.

Амбасадорите од 32 земји на НАТО ќе го ратификуваат именувањето за време на состанокот на Северноатлантскиот совет (политичкото раководно тело на Алијансата) во Вашингтон на 9-11 јули.