Руслана: Русија може да предизвика еколошка катастрофа, Путин е многу опасен терорист!

Руслана Степанивна Лижичко стекна светска слава во 2004 година кога со песната „Wild Dances“ ѝ донесе победа на Украина на Евросонг. По победата стана политички активист, а од 2006 до 2007 година беше пратеник во украинскиот парламент.

Сега таа преку социјалните мрежи активно објавува информации за состојбата во Украина за време на војната и бара помош од Европа и останатиот дел од светот.

„Како амбасадор на мојата земја, како победничка на Евровизија, зборувам од името на целиот мој народ. Бараме од претседателот Џо Бајден и генералниот секретар на НАТО, господинот Јенс Столтенберг, да го заштитат нашето небо. Украинската војска ќе ја штити Европа, ако вие нѐ заштитите нас. Донесете одлука за безбедност на целиот свет“ – објави меѓудругото Руслана во видеото на нејзиниот Инстаграм-профил кој има повеќе од 33.000 следбеници.

Таа предупреди дека Русија може да предизвика вистинска еколошка катастрофа.

„Ние Украинците никогаш нема да се откажеме. Сите се во опасност, не само ние. Знаете што значи тоа? Јас не разбирам зошто нѐ напаѓаат руската и белоруската војска. Мора да сфатите дека Путин е многу опасен терорист за сите луѓе на земјата“, рече таа.

Тврди дека Русите се обидуваат да го уништат Киев со сите можни средства.

„Мислам дека ситуацијата е многу поопасна отколку што се гледа на снимките и во медиумите“ – вели таа.

https://www.instagram.com/tv/Cam-Z7uApEn/?utm_source=ig_web_copy_link