Русковска суспендирана поради “упадот” во Финансиска полиција

Суспендирана е јавната обвинителка Вилма Русковска заради незаконскиот упад во Управата за финансиска полиција. Од Јавното обвинителство соопштија дека против тројца обвинители е иницирана дисциплинска постапка. Суспендирана е само шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, но не и Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, велат од Јавното  обвинителство.

Скандалот го откри директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми кој обвини за нелегален претрес во Управата и поднесе кривични против трите обвинителки.

Русковска, пак, се пожали до претставниците на ЕУ и САД, но остана нејасно што всушност обвинителството барало во Финансиска полиција.