Русковска жалбата ја достави до Советот на јавните обвинители, но не сакаше да каже што наведува во жалбата за суспендирањето. Таа беше видно вознемирена додека даваше изјава. Суспензијата не ја разбира лично, туку како суспендирање на правдата.
Но, вели не сака да поверува дека политиката има вмешано присти во случајот. Русковска вели дека ниту нејзината заменичка Ивана Трајчева не може да ги преземе предметите бидејќи и против неа се води дисциплинска постапка.
„Прво сакам да изјавам дека ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска. Ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, после ова мене што ми се случи, не верувам дека било кој колега, сериозно, ќе продолжи да постапува по истите.“
Таа изјави дека при претресот во Финансиска обвинителството не нашло докази по кривичната пријава. Ова било повод да побараат предмети на кои работеле во Финансиска, а доставени им биле околу 30 такви предмети. Русковска вели дека веќе почнала да сослушува предмети, а планирала и да бара казна за Финансиска бидејќи не им ги доставиле предметите кои ги барале, а сега вели не може оти е суспендирана.
„Тоа исто така мислев да го сторам вчера затоа што еве вчерашниот ден точно еден месец како беше извршен претресот, иако ние дадовме рок од 15 дена, но да бидеме луѓе и да бидеме флексибилни, мислев во текот на вчерашниот ден да напишам ургенција по што би барала судот да определи казна на институцијата.“
Но, изјавата Русковска реагираа од Финансиската полиција. Оттаму велат дека од нив биле барани сите анонимни кривични пријави од 2018 година досега, а не конкретни предмети. Велат дека имаат подготвено предмети за да им ги предадат на Обвинителството, но чекаат повратна инфомација кај кој надлежен обвинител да им ги испратат предметите.
„Управата за финасиска полиција е во исчекување на одговорот од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а со цел да ги достави обезбедените податоци/предмети кои се побарани од Управата согласно Барањето за податоци.“
Русковска е суспендирана поради кривичната пријава што против неа и другите обвинителки ја поднесе Финансиска. Една од опциите на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство е парична казна или разрешување.
„Дали очекувате можеби казна или разрешување? – Вака, постапката малку подолго трае, кога се работи за дисциплинска постапка. Според Законот за јавно обвинителство, најпрво треба од Комисијата да ми биде побарано писмено изјаснување, по што пред Комисијата и усмено можам да одговорам на наводите на предлогот за поведување на дисциплинска постапка, по што Комисијата носи одлука на која повторно имам право на жалба до Советот на Јавни обвинители. – Досега ве побараа? – Не. – А, дали очекувате вие евентуално разрешување? – Видете, не би шпекулирала навистина што би се случило во иднина…“
Дисциплинска постапка се води и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. Ова следи по констатираните пропусти за претресот на Обвинителството во Финансиската полиција.