Русковска се враќа во скопското обвинителство, но нема да може да работи до истекот на суспензијата

На седницата на Советот на јавните обвинители која е закажана за понеделник, ќе се знае и официјално каде ќе работи обвинителката Вилма Русковска, откако заврши нејзиниот мандат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Таа се уште е суспендирана, а во изјава за порталот Либертас таа потврдува дека нејзината следна работна средина ќе биде скопското обвинителство.

„Ќе се вратам во Скопското обвинителство,од таму дојдов во организиран криминал ,така е според законот”, изјави Русковска за Либертас.
Суспензијата која таа ја доби по судирот со директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми ќе и продолжи и во скопското обвинителство бидејќи тоа важи за функцијата во целост. Таа сепак ќе добива плата која и следува иако е суспендирана, но пониска со трансферот од организиран криминал во основното обвинителство.

На седницата во понеделник ќе се одлучува и за тоа кој ќе биде шеф на Вишото обвинителство во Скопје. На огласот се пријавија тројца кандидати, вишите обвинители Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи но и актуелниот шеф Мустафа Хајрулахи, но Фетаи вчера преку електронска пошта, засега се уште од непознати причини се повлече од трката.