Вилма Русковска – шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вечерва во „Топ тема“ на тв Телма рече дека бизнисменот Орце Камчев се спогодил за предметот „Империја“ и се согласил да исплати над 5 милиони евра на државата.
„Преку одбраната, Камчев поднесе иницијатива. Со ова се надомести штетата кон државата и парите околу 5,1 милион евра се уплатени на сметката на Управната за јавни приходи. Тоа значи одмрзнување на имотот на Камчев, затоа што замрзнувањето беше со цел доколку не дојдеше до спогодба, државата да може да си ги наплати своите побарувања“ рече Русковска.
Таа појасни дека Обвинителството дознало дека Камчев подигнал кредит од банка за да ја исплати спогодбата.
„По вештачењето кое беше изготвено од вештите лица на Економскиот факултет, се дојде до таа сума. Ние побаравме од УЈП да се произнесе дали има побарување. Они рекоа дека два милиони евра веќе се наплатени и треба уште, по што се дојде до сумата што ја уплати Камчев“ – кажа Русковска.