Русковска го добила решението за дисциплинската против неа, а за нов мандат како шефица на ОЈО ГОКК сè уште не планира да се пријави

Околу евентуална нејзина кандидатура, пак, за шеф на државното Јавно обвинителство на местото на Јовески, доколку тој биде избран за уставен судија, Русковска вели дека сè додека е тој јавен обвинител и сè додека евентуално не биде избран за уставен судија, таа не размислува за ова прашање.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески утрово во изјавата за медиумите соопшти дека Комисијата за дисциплинска одговорност донела решение за поведување дисциплинска постапка против шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, која е под суспензија, како и против нејзините колешки, Ивана Трајчева и Елизбаета Јосифовска.

„Комисијата за дисциплинска одговорност го разгледа предлогот за покренување дисциплинска постапка и, колку што сум информиран, по тој предлог донесе решение за поведување на дисциплинска постапка. Натаму знаете дека во тој дел, односно во самата постапка, треба да се обезбедат определени докази и треба да се произнесат јавните обвинители кон кои се води оваа постапка“, изјави Јовески.

Предлогот за поведување дисциплинска постапка против Русковска и нејзините две колешки го поднесе републичкиот обвинител Јовески поради претресот во Финансиската полиција.