Руски нобеловец испрскан со црвена боја

Рускиот нобеловец, новинарот Димитри Муратов бил нападнат и испрскан со црвена боја додека бил во воз од Москва кон Самара. Новинарот тврди дека нападот го извршил маж кој откако ја истурил бојата врз него извикал: „Муратов, ова ти е за нашите момци“.

Нобеловецот, кој е уредник на либералниот весник „Нова Газета“ изјавил – „Очите страшно ме печат“.

Весникот кој го уредуваше Муратов беше препознатлив по критиките кон руските власти, а минатиот месец соопштија дека престануваат со работа на печатеното и онлајн изданието се до крајот на руската „специјална воена операција“ во Украина.

Инаку, Муратов ја доби Нобеловата награда за мир минатата година поради неговото бранење на слободата на изразување во Русија.