Рускиот претседател Владимир Путин во средата изјави дека руските научници се блиску до создавање вакцина против рак која наскоро би можела да биде достапна за пациентите.
Путин на московскиот форум за идните технологии рече дека руските научници се „многу блиску до создавање на таканаречени вакцини за рак и имуномодулаторни лекови од новата генерација“.
„Се надевам дека наскоро тие ефективно ќе се користат како методи на индивидуална терапија“, додаде тој.
Путин не прецизираше на кои видови на рак ќе делува вакцината и на кој начин.
Бројни земји и компании работат на вакцини против рак.
Минатата година, владата на Обединетото Кралство потпиша договор со германската компанија BioNTech за започнување клинички испитувања обезбедувајќи „персонализиран третман за рак“, со цел да се допре до 10.000 пациенти до 2030 година.
Фармацевтските компании „Moderna“ и „Merck & Co“ развиваат експериментална вакцина против рак, за која студијата во средна фаза покажа дека ја намалува можноста за половина од шансите за враќање или смрт на меланом, најсмртоносниот рак на кожата, по три години лекување.
Во моментов има шест лиценцирани вакцини против хуманиот папиломавирус (ХПВ), кој предизвикува неколку видови на рак, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката, според Светската здравствена организација, како и вакцина против хепатитис Б (ХБВ), кој може да доведе до рак на црниот дроб .
За време на пандемијата „Ковид-19“, Русија разви своја сопствена вакцина „Спутник V“ против коронавирусот и ја продаде на голем број земји, иако наиде на широко распространето јавно противење за вакцинација во земјата.
Самиот Путин рече дека бил вакциниран со Спутник, обидувајќи се да ги убеди луѓето во неговата ефикасност и безбедност.