Руски „Гаспром“ најави тридневен прекин на испораката на гас кон Европа

„Северен тек“ има капацитет за испорака на 167 милиони кубни метри дневно, но во моментот работи со само 20 отсто од капацитетот. По најавата на рускиот гигант цените на гасот во Европа достигнаа нов рекорд.

Руски „Гаспром“ три дена нема да испорачува гас кон Европа. Компанијата соопшти дека поради одржување на единствениот преостанат гасен компресор „Северен тек“ ќе биде затворен од 31 август до 2 септември.

„На 31 август единствената оперативна компресорска единица Трент 60 ќе биде затворена на три дена заради одржување“,

соопшти компанијата додавајќи дека сите поправки ќе се вршат заедно со експерти од германски „Сименс“.
Затворањето ќе доведе до дополнителни нарушувања во снабдувањето со гас во Европа со оглед на тоа што гасоводот веќе работи со само 20 отсто од капацитетот.

„По завршувањето на работите, транспортот на гас ќе биде вратен на ниво од 33 милиони кубни метри дневно“,

соопштија од „Гаспром“.
„Северен тек“ има капацитет за испорака на 167 милиони кубни метри дневно, а по најавата на рускиот гигант цените на гасот во Европа достигнаа нов рекорд.

Поради големиот раст на цените на гасот Германија го намалува данокот од 19 на седум отсто со цел да се намали финансискиот притисок врз граѓаните. Германскиот канцелар Олаф Шолц на вонредна прес-конференција рече дека оваа одлука ќе трае до крајот на март 2024 година.