Руските сили извршија напади со беспилотни летала на Киев и Харков, бројот на загинати во Белгород се зголемува

Војната во Украина трае веќе 676 дена и се зголемува бројот на загинати цивили од двете страни. По најинтензивните руски напади низ земјата и голем број мртви и ранети, Украина возврати со напад на рускиот пограничен град Белгород, во кој загинаа 18 лица, а над стотина луѓе беа повредени.

По повод тој напад, Русија побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации под обвинение дека во нападот на Украина биле употребени забранети касетни бомби. Марија Захарова изјави дека „Велика Британија стои зад терористичкиот напад во координација со САД.

Намерниот неселективен и комбиниран напад на Вооружените сили на Украина врз рускиот град Белгород е терористички акт, изјави постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации Василиј Небензја на состанокот на Советот за безбедност на ОН свикан по повод тој напад.

„Уште еднаш, сакам да нагласам дека не се работи за напад на воени цели со можни последици за цивилното население, туку за планиран терористички акт насочен против граѓаните“, рече Небензја на седницата на Советот за безбедност на ОН одржана во саботата.

Во текот на ноќта руските сили извршија воздушни напади врз украинскиот главен град Киев, како и врз градот Харков на североистокот на земјата.

Украинските системи за противвоздушна одбрана одбиле напад со руски беспилотни летала во текот на ноќта, но обемот на штетата не е наведен, јавува Ројтерс Руските сили го нападнаа и Харков, вториот по големина град во Украина, со беспилотни летала по нападот во саботата во кој беа повредени најмалку 21 лице.

Бројот на загинати во нападот на украинските сили врз рускиот град Белгород во саботата се зголеми на 22, а 109 лица се повредени, објави гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков.

„За жал, бројот на загинатите во вчерашното гранатирање на Белгород се искачи на 22. Една од жртвите почина во болница во текот на ноќта“, напиша Гладков на својот профил на Телеграм. Тој посочи дека лекарите и официјалните лица се подготвуваат да преселат 25 тешко повредени на клиниките во другите руски градови, пренесува ТАСС.