Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко денеска ги обвини руските војници за киднапирање цивили и убиство на цивил во Вовчанск, регионот Харков, јави ДПА.
„Станаа извесни првите случаи на убиства на цивили од страна на руската војска“, напиша Клименко на Телеграм.
Според него, руските војници убиле жител на Вовчанск кој се обидел да побегне и не ги послушал руските наредби. „Други луѓе во градот беа спречени да ја напуштат населбата, киднапирани и однесени во подрумите“, напиша тој.
Пред речиси една недела Русија започна нова голема офанзива во североисточна Украина. Руските трупи успеаја да окупираат голем број населени места долж границата во регионот Харков.
Украина почна да го евакуира цивилното население во регионот. Меѓутоа, поради жестоките борби околу градот Вовчанск, не успеале сите да бидат однесени на безбедно место.
Вовчанск се наоѓа на околу 5 километри од руската граница.