Руската војска доби наредба да се повлече од градот Херсон

Руската војска доби наредба да се повлече од градот Херсон, единствениот регионален главен град што го освои од почетокот на инвазијата на Украина во февруари. Заповедникот на руските воени операции во Украина, генералот Сергеј Суровикин, изјави дека веќе не е можно да се доставуваат залихи во градот.

Со оваа одлука, руската војска целосно ќе се повлече од западниот брег на реката Днепар, што е значителен удар за Русија, која се соочува со украинската противофанзива на југот.

„Во овие околности, најразумната опција е да се организира одбрана долж реката Днепар“, изјави Суровикин.

Оваа одлука беше соопштена набргу откако руските медиуми објавија дека заменик-шефот на Херсон, Кирил Стремусов, загинал во сообраќајна несреќа. Тој пред шест дена најави дека руската војска би можела да се повлече од градот.

Иако украинското напредување беше успорено во изминатите денови, постоеше ризик руските сили да бидат отсечени, откако украинската војска ги онеспособи сите клучни премини преку Днепар.